Царинските службеници на граничниот премин Табановце, при влез во државата, спречија обид за криумчарење 348 грама златен накит, во вредност од 1,3 милиони денари.
Случајот е откриен при детална контрола на автомобил со кој патувале сопружници, македонски државјани со живеалиште во Белгија, при што во чантата на сопатничката се пронајдени 26 парчиња златен накит.
Против неа, Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „криумчарење“, казниво согласно Кривичниот законик.
Годинава, соопштија од Царинската управа, се откриени 13 случаи на криумчарење злато, при што се запленети повеќе од 2,5 килограми златен накит и златни монети.







