Премиерот Христијан Мицкоски смета дека излезот од блокадата со Бугарија треба да се бара преку дијалог и очекува разговорите да продолжат, со приближување на ставовите и постигнување компромис.
Одговарајќи на новинарско прашање каде го гледа решението по изјавите дека нема да има препреговарање и уставни измени со одложено дејство, Мицкоски рече дека се радува што дијалогот почнал и што меѓународните партнери се запознаени со него.
„Тоа е убавината во демократијата — да разговарате кога имате различни ставови, а умешноста во демократијата е кога тие различни ставови ќе ги приближите и на крајот ќе дојдете до компромис. Јас очекувам дијалогот да продолжи да се води и во одреден момент ставовите да се приближат и да дојдеме до решение“, изјави Мицкоски од Скопското Кале, каде присуствуваше во увид во завршните активности за обновување и ставање во функција на двата музејски објекта.
На прашањето дали се најавува нова средба пред декемврискиот самит, премиерот не посочи конкретен термин.
„Процесот да се движи по природен пат. За сè она што треба јавноста да знае, ќе знае навреме“, рече тој.
Прашан дали добил дополнителен совет за продолжување на разговорите, Мицкоски одговори дека советот бил да почне дијалогот.
„Советот беше да почне дијалогот. Дијалогот почна. Нашите партнери се запознаени со содржината на дијалогот. Очекувам дијалогот да продолжи, така што, кога ќе има напредок, се разбира дека јавноста ќе биде информирана“, изјави премиерот.







