Италијанска вечер на „Охридско лето“

Големата ѕвезда во светот на пијанизмот, Кристијана Пегораро вечерва ќе одржи концерт во рамки на Италијанската вечер на „Охридско лето“. Таа ќе настапи во црквата „Света Софија “ со почеток во 21 часот.

Опишана од дневниот весник „Њујорк Тајмс“ како „уметница од најголем калибар“, Кристијана Пегораро настапува во најпрестижните концертни сали во Европа, САД, Јужна Америка, на Блискиот Исток, во Азија и во Австралија.

Настапувала пред претседателите на Италија, Серџо Матарела и Карло Азељио Кјампи, пред лидерите во Собранието на ОН, пред гувернерот на Њујорк, пред војвотката од Луксембург и други високи политичари во Италија, Канада и Австрија.

Нејзината дискографија вклучува 34 носачи на звук, а за албумот со танго музика од Астор Пијацола е добитничка на Златен медал на Глобалните музички награди во Калифорнија.

Добитничка е на повеќе од 50 меѓународни награди и признанија. Во 2019 година ја добива престижната награда „Белисарио“, доделена на церемонија пренесувана во живо од италијанската телевизија РАИ. Неодамна, округот Вестчестер во државата Њујорк ѝ посвети ден од годината, па така според официјалната објава на Советот – 28 Март секоја година се празнува како ден на Кристијана Пегораро.

Италијанската вечер на фестивалот „Охридско лето“ се одржува со поддршка на Италијанската амбасада во земјава.

Scroll to Top