Акутната фаза на епидемијата во Гостивар е во смирување, а во консултација со Комисијата за заразни болeсти решивме да одредиме засилен здравствен надзор за постакутната фаза, односно фокусот сега е на хепатит А и Е и на други заразни болести, изјави министерот за здравство, Сашко Клековски.
„Алерт до матичните лекари и здравствените институции во Гостивар сега фокусот да го стават на следните предизвици. Сега фокусот е на хепатит А и Е и други заразни болести што може да се јават на опашката на гостиварската епидемија“, рече Клековски.
Додаде дека до Центарот за јавно здравје, здравствените установи и матичните лекари ќе бидат испратени упатства за понатамошно постапување, а ќе бидат дадени насоки и за комуникација со населението.
Клековски истакна дека е важно да има рано препознавање на болестите и кажа дека здравствените установи се подготвени за тестирање.







