По повод 50-годишниот јубилеј од професионалната музичка кариера на еден од најзначајните и највлијателни македонски автори, композитори, аранжери и мултиинструменталисти – Никола (Кокан) Димушевски, на 27-ми април (понеделник), со почеток во 18:30 часот, во Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе се одржи свечен и значаен концертен настан.
Овој концерт, кој го носи името на неговото најново авторско издание „The Back of Beyond“ („Зад грбот на Бог“), претставува уметничка ретроспектива, но и длабоко современа музичка исповед на еден творечки дух кој повеќе од половина век ја обликува звучната слика на македонската, балканската и европската музичка сцена, истакнува организаторот.
Композициите создадени во периодот на изолација и глобалната пандемија Ковид-19 се носители на една особена емоционална тежина, на тишината претворена во звук, на отсутноста во присуство, а внатрешниот немир претставува високо естетизирана музичка форма.
Никола (Кокан) Димушевски, роден во 1958 година во Скопје, каде што и денес живее и создава, е еден од основачите на легендарната група „Леб и Сол“, формирана во 1976 година, музичка група кој остави неизбришлива трага во историјата на југословенската и македонската музика. Со оваа група и како самостоен автор, тој има реализирано над 21 носач на звук со бендот, а како солист, продуцент и аранжер – повеќе од 40 компакт дискови и над 70 аудио и видео изданија од различен вид.
Неговиот творечки опус е исклучително богат и разновиден, и претставува редок пример на уметник кој истовремено живее во повеќе музички светови. Во неговото дело се среќаваат џез-рок експресијата, современата електронска музика, симфониските и камерните форми, музиката за театар и филм, радиофонските дела, како и голем број музички авиза, шпици и џинглови создадени за телевизиски и радио продукции низ целиот Балкан. Тој е автор на повеќе од 250 композиции и аранжмани за различни оркестарски состави, како и на преку 300 медиумски музички теми кои станале дел од секојдневната звучна меморија на регионот.
Со над 2.000 одржани концерти низ Европа, екс-Југославија, Грција, Кипар, Бугарија, Словачка, Чешка, Австрија, Германија, Франција, Ирска, Велика Британија, Шведска, Данска и Малта, како и настапи во САД, Канада, Нов Зеланд и Австралија, Димушевски се вбројува меѓу ретките македонски уметници со навистина глобална концертна биографија.
Неговиот истражувачки дух особено доаѓа до израз во неговата работа со староцрковното и македонското песнопојание, почнувајќи од 1997 година, кога преку современи електронски инструменти и хармонски интервенции врз оригинални неумски записи, создава сосема нов звучен универзум – спој на духовното наследство и современата музичка мисла. Овој пристап го позиционира како уметник кој не само што компонира, туку и реконструира, преосмислува и повторно ја раѓа традицијата во современ контекст.
Во текот на својата кариера, Димушевски има работено и како продуцент и тон-мајстор на над 130 изданија за различни изведувачи, а како пре-мастеринг инженер има учествувано на повеќе од 130 албуми за потребите на Sony DADC Австрија.
Неговото име е поврзано со врвни светски музички имиња и институции, а како водечки музички уметник од Yamaha India стои рамо до рамо со музичари како Chick Corea, Hiromi Uehara, John Patitucci, Dave Weckl, Antonio Sanchez, Canadian Brass и многу други светски реномирани уметници.
Неговите бројни награди и признанија ја потврдуваат тежината на неговото дело: од раните „Плакети на ЈРТ“ и „Седум секретари на СКОЈ“, преку меѓународни признанија од Загреб, Вараждин, ОБСЕ, BBC и Radio France Internationale, до престижни домашни и европски награди за животно дело, културен придонес и музичка иновација. Меѓу нив се издвојуваат и „Орденот за заслуги за Република Македонија“, наградата „Трајко Прокопиев“ за животно дело, како и титулата „Витез од Прв ред на редот Св. Михаел од Малта“ – исклучително признание кое го поставува меѓу ретките уметници со ваков меѓународен статус.
„Концертот во Софија не е само музички настан, туку симболичен пресек на пет децении непрекинато творештво, истражување и уметничка посветеност. Тоа е вечер посветена на автор кој не престанал да ја преиспитува границата меѓу звукот и тишината, меѓу традицијата и иднината, меѓу локалното и универзалното.
„Зад грбот на Бог“ не е само наслов на албум или концерт – тоа е метафора за една внатрешна музичка филозофија, каде звукот станува духовен простор, а музиката – јазик кој ги надминува сите граници.
Овој јубилеен концерт претставува ретка можност публиката да се сретне со еден жив музички архив, со автор чиј опус не само што ја бележи историјата на една сцена, туку и активно ја создава“.







