Огромен скандал е доделувањето бизнис на компанија чиј сопственик е на црната листа на САД. Компанијата на Миодраг Давидовиќ-Дака „Хронос сум“ од јануари годинава Божновска ја ставила во Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година. За ВМРО-ОКГ сѐ е бизнис и ниту црната листа на САД не е пречка, обвини Богданка Кузеска – портпаролка и членка на Извршниот одбор на СДСМ.
„Сега кога јавно ги фати живи Антикорупцискиот тим на СДСМ како спремаат бизниси со човек кој се поврзува со перење пари, криминални структури и е на црната листа на САД ВМРО -ОКГ пробува да се испере. Не поминува, живи сте фатени. Панама, офшор мрежи и сомнителен капитал. Скандалот е уште поголем ако се знае дека станува збор за истиот субјект кој со години стоел без реализација, а сега одеднаш, со ВМРО-ОКГ на власт, повторно оживува. Потонаа сите лаги на Александар Николовски и ВМРО-ОКГ. Во опозиција го напаѓаа Миодраг Дака Давидовиќ а денес – кога се на власт – Божиновска му отвори врата во бизнис мрежата на македонската енергетика. Ќе им се извинат ли денеска на граѓаните за сите лаги?“, праша таа.
Според Кузеска, ова е класичен пример како функционира ВМРО-ОКГ: додека граѓаните плаќаат скапа струја, ЕЛЕМ има загуби од 100 милиони евра годишни тие договараат бизниси со сомнителни партнери.
СДСМ бара Владата на Мицкоски веднаш да ја повлече одлуката и да го стопира овој сомнителен проект, а Јавното обвинителство итно да отвори предмет и да ја истражи целата шема, вклучително и потеклото на капиталот.







