ЛДП: Срамна и скандалозна е одлуката за назначување на Арбен Фетаи за специјален пратеник во ЕУ

Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро ја осудува, како што велат, срамната и скандалозна одлука на Владата за именување на поранешниот вицепремиер за добро владеење, Арбен Фетаи, за нов специјален пратеник во Европската Унија.

Според партијата, ова назначување претставува директен шамар, отворено потценување и вистинско плукање во лице на сите чесни граѓани кои секојдневно се борат за преживување.

„Владата уште еднаш докажа дека нема ниту осет, ниту срам кога станува збор за трошење на народните пари и поделба на лукративни или измислени фотелји. Граѓаните уште помнат како истиот овој ‘функционер’ со месеци не се појавуваше на работните состаноци и ги бојкотираше владините седници, додека од џебот на најсиромашниот народ во Европа редовно му легнуваше функционерска плата“, велат од ЛДП.

Наместо да сноси одговорност за своето неработење, додаваат од партијата, Фетаи безрбетно се потсмеваше со јавноста објавувајќи фотографии од Бангкок, за денес, велат од ЛДП, од истите тие граѓани кои ги игнорираше, да биде награден со функција и привилегии во Брисел.

„Премиерот не само што се посрамоти туку и капитулираше. Дополнителен срам и потврда за партиската самоволие е фактот што Фетаи за назначувањето на оваа висока државна позиција се пофали преку социјалните мрежи и му се заблагодари на премиерот во објава напишана исклучиво на вториот официјален јазик. Каков сигнал испраќа оваа Влада до Брисел кога за специјален претставник именува човек чија единствена докажана ‘квалификација’ е неработењето и избегнувањето на обврските? Ова е скандалозна порака дека во Македонија неодговорноста се наградува, а државните позиции се користат како приватен банкомат за задоволување на апетитите на власта. Истата таа неодговорност што носи трагедии, пожари, труења, епидемии и човечки жртви“, велат од ЛДП.

Партијата бара итна ревизија на оваа одлука и стопирање на практиката со која дипломатијата се претвора во засолниште за партиски кадри без резултати. Од ЛДП велат дека граѓаните заслужуваат функционери кои ќе работат во нивен интерес, а не политичари кои си поигруваат со нивното достоинство.

Scroll to Top