Левица соопшти дека целосно го поддржува првомајскиот протест на работниците и синдикатите, оценувајќи дека Владата ги занемарува работничките права и ја продлабочува социјално-економската криза.
Од партијата обвинија дека власта, според нив, ги застапува интересите на сопствените спонзори наместо интересите на работниците и го третира трудот исклучиво како средство за профит.
Левица тврди дека Владата, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, останала пасивна во дијалогот меѓу работниците и работодавачите и дека во изминатите две години вршела притисоци врз синдикални лидери и колективни договори.
Партијата дополнително обвини дека се подготвува нов правилник на Фондот за здравствено осигурување со кој, според нив, ќе се ограничуваат правата за боледување.
Во соопштението Левица наведува дека две минимални плати не се доволни за едно семејство да го помине месецот и дека инфлацијата го намалува животниот стандард на граѓаните.
Од партијата ги повикаа своите членови, симпатизери и сите работници да се приклучат на протестот по повод Денот на трудот, истакнувајќи дека Први мај е симбол на работничката борба и солидарноста.







