„Шеснаесет луѓе загинаа кај Ласкарци, а седум и пол години подоцна државата повторно нема конечна правда. Имавме истрага, обвинение, вештачења, супервештачења, првостепена осуда, Апелација која ја потврди вината и зголеми казни, осудени лица што веќе беа испратени во затвор, за на крај Врховниот суд да ја урне правосилноста и предметот повторно да го врати назад. Во нормална правна држава тоа би било аларм за сериозен дефект, но во Македонија веќе станува препознатлива матрицата дека големите предмети прво се најавуваат како доказ дека ‘системот функционира’, потоа со години се влече низ судници, а кога јавноста ќе помисли дека конечно има или ќе има епилог – следува укинување, ослободување, застарување или ново враќање“, велат од партијата Левица.
„Јавноста конечно мора да престане да биде третирана како публика на бескрајна правосудна претстава во која секој суд ја поправа грешката на претходниот, а никој не одговара за фактот што грешката воопшто била направена. Прашањето сега е дали овие предмети паѓаат случајно, или некој одамна го усовршил начинот како правдата да се саботира без никој формално да биде фатен дека ја саботира?
Говориме за правосудство во кое поранешен врховен судија призна противзаконито влијание, а против апелациски судија се води постапка по откриени стотици илјади евра заѕидани во дом и тоа целосно ја урива удобната догма дека судската функција сама по себе е гаранција за интегритет. Напротив, во ваков систем секоја необјаснета процедура, мора да биде разгледувана под лупа.
А „Ласкарци“ денес стои покрај цела низа предмети што ја претвораат неказнивоста од исклучок во политички амбиент. Во „Талир 2“ Апелација ја потврди ослободителната пресуда. За модуларната болница во Тетово, каде 14 луѓе изгореа, по речиси пет години беше затворена предистрагата за јавните набавки и Венко Филипче практично беше амнестиран, по што повторно се отворија сериозни прашања, а првичните не беа одговорени. Во „Пулс“, каде загинаа 63 лица, јавноста слуша дека според расположливата документација цели тринаесет години немало противпожарна инспекциска контрола, додека истовремено истекуваат и законските рокови за притвор. Секој од овие предмети има различна правна природа, но политичкиот заклучок е заеднички и поразителен, дека државата е извонредно ефикасна во производство на соопштенија и спектакуларни најави, а хронично неспособна кога треба да испорача навремена, стабилна и несоборлива одговорност.
И токму затоа лицемерно звучат сите партиски заклетви на ДПМНЕ и СДСМ дека токму тие ќе го реформираат правосудството. Три децении овие две политички структури ги менуваа министрите, законите, кадровските решенија, судските совети и реформските стратегии, а резултатот денес го мери и Европската комисија со одложени постапки, ретки конечни осудителни пресуди во високопрофилни случаи и сè подлабоко чувство на неказнивост.
Кога грешката нема автор, пропустот нема последица, предметот нема крај, а семејствата на жртвите со години ја следат истата институционална вртелешка, јасно е дека во Македонија процедурата повеќе не ја штити правдата, туку таа ја задушува. И за жал, гледаме дека тоа не е исклучок, туку правило“, се наведува во соопштението на партијата Левица.







