По повод Светскиот ден на лицата со попреченост, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски го посети Дневниот центар за лица со церебрална парализа.
„Посебна чест е да зборуваме за Дневниот центар за лица со церебрална парализа, место кое повеќе од две децении нуди поддршка, развој и топлина. Преку Центарот поминале над 100 лица, а денес 22 корисници тука учат, растат и се развиваат. Овие бројки претставуваат вистински животни приказни и мали, но големи победи.
Овој Центар постои благодарение на визијата и упорноста на Здружението на родители на деца со церебрална парализа – Скопје. Нивната љубов ја започна приказната, а стручниот кадар и родителите секој ден ја продолжуваат.
Како град Скопје, наша должност е да овозможиме уште подобри услуги, поголема достапност и вистинска инклузија“.
Лицата со попреченост, додава скопскиот градоначалник, не бараат привилегии, туку бараат можност.
„А ние сме тука да ја создадеме. Секогаш ќе бидеме силна поддршка!
Да испратиме порака дека секое дете, секој млад човек и секој возрасен има свое место, свој потенцијал и своја важна улога во нашата заедница“.







