Македонија заостанува во борбата против рак на грло на матка и е далеку од исполнување на целта за опфат на 70% од жените со скрининг до 2030 година со цел целосно искоренување на смртноста од оваа болест, поставена од Светската здравствена организација. Главна причина за ваквата состојба е што Програмата за скрининг на рак на грло на маткане овозможува доволен опфат на жени за да се постигне навремено откривање и превенција од оваа болест, покажува анализата на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.
Иако во програмата е наведено дека целта е за три години со скрининг да се опфати 75 отсто од женската популација на возраст од 21 до 59 години, од Здружението ЕСЕ наведуваат дека државата ниту издвојува доволно средства за оваа намена, ниту спроведува активности за едукација и информирање на жените.
„Во изминатите три години, од 2023 до 2025 година, скрининг на грло на матка бил извршен наоколу 149.000 жени што претставува опфат од 32%, а тоа е многу помалку од предвидените 75%. Што е уште позагрижувачки, наместо да расте,бројот на жени опфатени со скринингот, од година в година се намалува. Само за споредба, во Словенија, со програмата за скрининг на рак на грло на матка, за три години беа опфатени 71 процент од жените“, вели Борјан Павловски од Здружението ЕСЕ.
Ниското ниво на скрининг придонесува Македонија да е меѓу водечките земји во Европа и во регионот по бројот на новооткриени случаи на рак на грло на матка. Според последните достапни податоци, во 2023 година се откриени 327 нови случаи, додека во 2022 година биле регистрирани 289 случаи. Оваа стапка е највисока во Европа односно речиси пет пати повисока од Грција и Италија, три пати повисока од Словенија и двојно поголема од Србија, велат од Здужението.
Во однос на смртноста, во периодот од 2017 до 2023 година, од рак на грло на матка починале вкупно 540 жени. Тоа значи дека од овој вид карцином, во Македонија годишно во просек умираат околу 70 жени, иако со навремен и соодветен скрининг, најголем дел од смртните случаи може да се спречат.
„Клучни причини за ваквата алармантна состојба се недоволните средства кои ги одвојува државата за скрининг, како инедостигот од матични гинеколози, имајќи предвид дека во речиси 40 општини воопшто нема матичен гинеколог. Дополнително, не се работи на едукација и информирање на жените за неопходноста на овој тип прегледи во превенцијата на ракот на грлото на матката“, објаснува Павловски.
Во последните две години, се наведува во анализата, проблем е и транспарентноста на Министерството за здравство во однос на оваа проблематика. Имено, со оглед на тоа што се промени начинот на кој се планира скринингот, не се достапни податоци колку точно средства се издвојуваат за оваа намена и колку жени е планирано да бидат опфатенина годишно ниво.
Од Здружението ЕСЕ потенцираат дека неопходно е да се промени и методологијата со која се прави скринингот на грло на матка. Во Македонија во моментов оваа процедура се изведува со ПАП брис, кај кој постои 20 отсто можност за грешка во резултатите, додека светските препораки се воведување ХПВ тест, кој е речиси 99 отсто точен.
Ракот на грло на матка е четврти најчесто дијагностициран рак кај жените, но доколку се открие навреме, големи се шансите целосно да се излечи. Токму затоа, ова е првиот тип рак за кој Светската здравствена организација усвои Глобална стратегија за целосно елиминирање на смртноста.
Работата на полето на унапредување на скринингот на ракот на грлото на матката е спроведено во рамки на проектот „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи“. Проектот го спроведуваат партнерските организации ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ и Здружение Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
фото/Depositphotos







