На 27 јуни 2026 година, покрај брегот на Охридското Езеро, во Калишта, се одржа XI Меѓународна поетска манифестација „Охридски поетски бисер“, во организација на Здружението за литература и култура „Охридски поетски бисер“ – Охрид.
Лауреат на годинашното издание и добитник на Гран при наградата – прво место во категоријата „Македонски поети“ е македонската поетеса Гордана Каракашевска, за песната „Хартиени сеќавања“.
Наградата ѝ беше врачена во Калишта, на брегот на Охридското Езеро – простор што со својата природна убавина, духовност и културна традиција претставува едно од највпечатливите места за литературни средби во Македонија.
Ова признание претставува уште една значајна потврда за творештвото на Каракашевска и доаѓа во период на засилена меѓународна книжевна афирмација. Во текот на 2026 година нејзини дела беа објавени и претставени во повеќе меѓународни книжевни проекти, меѓу кои и британската поетска селекција на erbacce-press, како и литературното списание Litterateur RW, каде беше објавен нејзиниот хибриден расказ „Драга Ана“.
По повод добиената награда, Каракашевска изјави:
„Ова признание за мене претставува голема чест, но и обврска да продолжам да создавам и да верувам во силата на поетскиот збор. Поезијата и денес има моќ да го именува неискажаното, да создава блискост меѓу луѓето и да нè потсетува на она што нè прави луѓе.“
Меѓународната поетска манифестација „Охридски поетски бисер“ традиционално собира автори од Македонија и од странство, придонесувајќи за афирмација на современата поезија и за развој на меѓународната книжевна соработка.







