Министерството за култура и туризам изразува длабоко жалење по повод смртта на Владо Јаневски, еден од највлијателните македонски музички автори и изведувачи, кој со своето богато творештво остави неизбришлива трага во современата македонска музика.
„Владо Јаневски беше уметник кој со својата исклучителна музикалност, препознатлива интерпретација и безвременски песни обедини генерации љубители на македонската музика. Неговото творештво, исполнето со емоција, искреност и љубов кон македонскиот јазик и култура, ќе остане трајна вредност и значаен дел од македонското музичко наследство.
Како прв претставник на независна Македонија на Изборот за песна на Евровизија, како и автор и изведувач на бројни антологиски хитови, Владо Јаневски беше еден од најзначајните амбасадори на македонската музика, достоинствено претставувајќи ја земјата на домашната и меѓународната сцена.
Неговата професионалност, уметничка автентичност и долгогодишен придонес во развојот и афирмацијата на македонската популарна музика ќе продолжат да бидат инспирација за идните генерации музичари и уметници.
Министерството за култура и туризам изразува искрено сочувство до неговото семејство, најблиските, колегите и до сите почитувачи на неговото дело.
Споменот на Владо Јаневски ќе живее преку неговите песни, кои засекогаш ќе останат дел од македонската културна меморија“, се наведува во објавата на Министерството за култура и туризам.







