Мицкоски да одговори кој бил со него во владиниот авион, бара СДСМ

Луксузирањето на Мицкоски врз грбот на граѓаните и летањето со владин авион на Јадранско море го покажа вистинското лице на премиерот и на неговата расипничка власт, обвинија од СДСМ.

„До толку се опиени од моќта и аздисаното грабање пари преку приватни бизниси и криминални тендери. Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека владата одбива 600 евра минимална плата, им кратат 40 милиони евра на земјоделците, 5 милиони евра во спортот, премиерот ужива со парите на народот, со владин авион на море. Со часовници од 60 илјади евра, и со владин авион, Мицкоски покажа дека е ист како Никола Груевски кој се луксузираше со очила од 60 илјади евра и мерцедес од 600 илјади евра. Додека недостасуваат милијарди во буџетот, додека храната, струјата и греењето се поскапени, Владата планира нови стотици милиони евра за авион – за нови туристички патувања на премиерот и министрите. Ова е врв на аздисаност и ароганција на една корумпирана и криминална власт“, велат од партијата.

Од СДСМ бараат Мицкоски да не се крие, да излезе пред граѓаните и да одговори колку ги чинеше граѓаните неговото лукзусно летање со авион и кој бил со него во владиниот авион?

Scroll to Top