Мицкоски до Филипче: Инфлацијата во јуни 2026 година е 3,4%, инфлацијата во јуни 2022 беше 14,7%; со вас бевме на врвот по бројот на починати во корона кризата

Премиерот Христијан Мицкоски во одговор на пратеничко прашање од Венко Филипче посочи економски споредбени параметри со коишто како што истакна, растот на БДП и растот на пензиите е за три пати поголем сега отколку за време на владата на СДСМ и ДУИ.

Според Мицкоски побрзо растат и платите, цените на горивата се најевтини во регионот во услови на криза, а споредувајќи ги параметрите за инфлацијата нагласи дека инфлацијата во јуни 2026 година е 3,4%, додека инфлацијата во јуни 2022, со влада на СДСМ и ДУИ беше 14,7%.

Мицкоски посочи и на унгарскиот кредит, нагласувајќи дека Унгарија потврдила дека станува збор за кредит земен по преференцијални услови.

„Како држава сме успеале да обезбедиме евтини средства односно да бидам попрецизен најевтини од сите други држави коишто во тој момент ги обезбедиле и тие средства половина ги потрошивме да вратиме еврообврзница од 500 милиони евра, а четвртина од другата половина ја користат преку субвенциониран заем со каматна стапка од 1,95% компаниите, а останатите 250 милиони заедно со други 250 милиони се искористени за финансирање на проекти во општините, вклучително и во оние општини во кои СДСМ има неколкумина градоначалници. Јас мислев дека Вие ќе излезете и ќе пофалите зошто државата направила таков аранжман за којшто самата унгарска држава вели дека е по преференцијални услови, дека унгарските граѓани ќе требало да плаќаат 250 милиони евра дополнителни камати, итн., а Вие повторно излегувате и кажувате работи коишто не се вистинити“, му одговори Мицкоски на Филипче.

„Горивата и цените на горивата се убедливо најниски во регионот, а се работи за берзански материја“, продолжи Мицкоски.

„Станува збор за берзанска материја, не станува збор за тоа дали се претприемачките способности на оваа влада добри или не се добри, исто како кога вие бевте министер и исто како бевме заковани на дното односно на врвот по бројот на починати луѓе за време на корона кризата кога се обидувавте преку компанија којашто е основна дејност трговија со јужно овошје Стабри во Хонг Конг да набавувате вакцини коишто не ги набавивте. Тогаш во јавноста циркулираше една за вас анегдота дека практично се обидувате на граѓаните да им помогнете на тој начин што ќе ги натплатите неколкукратно вакцините преку оваа Стабри компанија. Јас очекувам дека обвинителството ќе преземе во свои раце да го истражи овој случај и не се заканувам, нема потреба да се плашите, јас знам дека Фројд работи кај Вас, но нема потреба да се плашите“.

Мицкоски во одговорот посочи и на останати економски параметри.

„Поврзано со економијата, јуни 2026- јуни 2022, исти месеци со тоа што оваа криза сега е убедливо длабоко потешка од онаа којашто беше во јуни 2022 посебно кога станува збор за притисокот и инфлаторните движења. Анализирав дванаесет држави во регионот- Србија, Албанија, Македонија, Словенија, Црна Гора, БиХ, Грција, Хрватска, Бугарија, Косово, Романија, Турција. Јуни 2022 влада на СДСМ, ДУИ, е во таа влада и уште некои, инфлација 14,7%. Осми во овие дванаесет држави со 14,7%. јуни 2026 година 3,4%, трети, заедно го делиме третото место со Албанија. Србија има 2,7%, позади нас се Словенија, Црна Гора, БиХ, Грција, Хрватска, Бугарија, Косово, Романија, Турција. Во јуни 2022 пред нас се Албанија, Словенија, Грција, Хрватска, Црна Гора, Косово итн. Ова се факти.

Околу платите и примањата. Просечна плата во државава во јули 2017 година 22.671 денар. просечна плата мај 2024- 41.252 денари. 83 месеци влада на СДСМ и ДУИ, просечно месечно се зголемувала платата за 224 денари. Просечна плата јули 2024 година 40.961 денар, просечна плата мај 2026 година 49.544 дена. 23 месеци влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ или просечно месечно растела по 373 денари. Зборувам за нето плата вкупно 66,5% повеќе, споредено со периодот кога СДСМ е влада.

Пензии во периодот кога СДСМ е влада од таму некаде октомвриското нивелирање 2017-та заклучно со мартовското нивелирање 2024 година, нецели седум илјади денари зголемена просечна пензија. За седум години со СДСМ, нецели седум илјади денари. За нецели две години влада на ВМРО- ДПМНЕ, Вреди и Знам, повеќе од 7.000 денари. Три ипол пати, тоа е разликата. Ова се господине Венко Филипче, бројки.

Бруто домашен производ. Први јануари 2018 година, споредено со 31.12.2023 година. 3,69 милијарди долари, толку е зголемен бруто домашниот производ во тоа време. Сега, откако е оваа влада, ближиме до 22 милијарди долари, односно за 160 милиони долари повеќе е зголемен бруто домашниот производ за две години, споредено со вашата влада за шест години. Повторно доаѓаме за три спрема еден“, посочи Мицкоски, правејќи економски споредби во Собранието како одговор на пратеничко прашање од Венко Филипче.

Scroll to Top