Мицкоски и Тошковски ги покажаа 40 тони запленета марихуана: „Никој не е над законот“

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и премиерот, Христијан Мицкоски, дадоа изјава пред просториите во МВР во кои се сместени 40 тони запленета марихуана и најавија детална истрага за случајот.

„Денес, заедно со претседателот на владата, со директорот на Бирото за јавна безбедност и остатокот од тимот од МВР, имаме прилика да ги видиме овие 40 тони марихуана запленети во првата фаза од истрагата. Марихуаната се одгледувала, складирала и чувала надвор од утврдените протоколи“, рече Тошковски.

Тој кажа дека марихуаната привремено е складирана во простории на МВР со цел да се користи во доказната постапка. Тошковски кажа дека истрагата продолжува.

Мицкоски кажа дека акцијата за заплена има за цел да покаже дека никој не е над законот.

„Ова нешто зад мене е дел од 40 тони марихуана, нешто што претставува резултат на погрешна политика што не сакаме да ја повториме. Очекувам дека денес на владина седница ќе биде донесена одлука да се формира комисија и тим кој ќе ја испита работатата на неколку правни лица и ќе утврди кој работи во согласност со законот, а кои се оние што не работат според законот. Сè што се случи во изминатите неколку дена има за цел да покаже дека нема компромис со неправдата и беззаконието и дека никој не е над законот и дека МВР со сиот капацитет ќе се справи со предизвиците кои ги има“, рече Мицкоски.

Тој испрати порака дека криминалот не се исплати и дека сите криминалци ќе бидат фатени и жестоко казнети.

„Сакам да испратам порака до сите кои одлучиле дека криминалот е исплатлива работа, можеби така било во друго време, но денеска криминалот не се исплати, ќе бидете пронајдени и ке бидете жестоко казнети“, рече Мицкоски.

Scroll to Top