Мицкоски: Нашата задача е да изградиме администрација која ќе биде сервис на граѓаните, а не бирократска пречка пред нивните потреби

„Особена чест и задоволство ми претставува денес, по повод Денот на јавната администрација, да се обратам пред луѓето кои се едни од најважните носители на функционирањето на државата, луѓето кои можеби не се секогаш во центарот на вниманието на јавноста, но кои секојдневно, преку својата работа, своето знаење и својата одговорност, обезбедуваат институциите да функционираат, законите да се спроведуваат и услугите да стигнуваат до граѓаните. Денес не одбележуваме само професионален празник. Денес оддаваме признание на една служба која е столб на секоја современа и успешна држава. Затоа што државата не е само Владата, не е само Собранието, не се само министрите и избраните функционери. Државата се и илјадниците луѓе кои секое утро ги отвораат вратите на институциите, кои ги подготвуваат одлуките, ги спроведуваат законите, ги услужуваат граѓаните и обезбедуваат системот да функционира“, кажа премиерот Христијан Мицкоски, на „Денот на јавните службеници“.

„ Свесен сум дека кога ќе се спомене јавната администрација, кај дел од граѓаните не секогаш се јавуваат позитивни чувства. Свесен сум дека постојат критики, дека постои незадоволство и дека многумина очекуваат побрзи, поквалитетни и поефикасни услуги од институциите. И не би било чесно денес, на овој ден, да се преправаме дека тие критики не постојат. Но, исто така би било неправедно и неточно доколку целата одговорност се обиде да се стави врз луѓето кои работат во администрацијата. Затоа што оваа перцепција не е создадена вчера, ниту минатата година. Таа е резултат на процес кој траел со години, па и со децении. Резултат на систем кој премногу долго бил оптоваруван со бирократија, со застарени процедури, со недоволна дигитализација, со нејасни критериуми за напредување и со практики кои често повеќе ја штителе формата отколку суштината. Премногу долго граѓаните се соочуваа со институции во кои за едноставна услуга беа потребни денови, недели или месеци. Премногу долго се создаваше чувство дека системот е комплициран, бавен и недостапен. И тоа чувство со текот на времето прерасна во недоверба. Но, кога зборуваме за таа недоверба, мора да бидеме искрени и да кажеме дека проблемот не бил само во луѓето. Проблемот бил во начинот на кој системот бил поставуван и граден со години. Токму затоа нашата задача денес не е да бараме виновници за вчерашните слабости, туку да создадеме решенија за утрешните успеси“, додаде Мицкоски.

Тој истакна дека задачата на Владата и институциите е да се изгради администрација која ќе биде сервис на граѓаните, а не бирократска пречка пред нивните потреби.

„Нашата задача е да изградиме администрација која ќе биде сервис на граѓаните, а не бирократска пречка пред нивните потреби. Администрација која ќе биде препознаена по брзината на услугата, по љубезноста на односот, по професионалноста во работењето и по ефикасноста во решавањето на проблемите. Администрација која нема да биде симбол на чекање, туку симбол на решавање. Светот денес се менува со огромна брзина. Новите технологии ги менуваат економиите, ги трансформираат институциите и создаваат нови очекувања кај граѓаните. Луѓето денес со право очекуваат услугите што ги добиваат од државата да бидат подеднакво брзи и едноставни како услугите што ги добиваат од приватниот сектор“, нагласи тој и додаде дека реформите во јавната администрација не се прашање на политички избор, туку се прашање на неопходност.

„Токму затоа реформите во јавната администрација не се прашање на политички избор. Тие се прашање на неопходност. Не можеме да зборуваме за модерна економија ако имаме застарени административни процедури. Не можеме да зборуваме за конкурентна држава ако инвеститорите се соочуваат со административни бариери. Не можеме да зборуваме за доверба во институциите ако граѓаните чувствуваат дека системот не ги следи нивните потреби. Затоа Владата останува цврсто посветена на процесот на модернизација на јавната администрација, на дигитализација на услугите, на намалување на бирократските процедури и на создавање институции кои ќе бидат поблиску до граѓаните отколку кога било досега. Но реформите не можат да се спроведат само со нови закони и нови стратегии. Реформите ги прават луѓето. Тие зависат од секој службеник кој ќе одлучи да биде дел од промените. Тие зависат од секој раководител кој ќе избере резултатите да бидат поважни од формалностите. Тие зависат од секоја институција која ќе ја прифати културата на отчетност, одговорност и професионалност. Јас искрено верувам дека огромното мнозинство од вработените во јавната администрација се чесни, посветени и вредни луѓе кои сакаат да работат професионално и кои сакаат да бидат дел од позитивните промени во државата“, објасни Мицкоски.

Тој изјави дека ако сакаме Македонија да забрзува мора да забрзуваат и институциите, како и дека ако сакаме поголема доверба во државата, мора да имаме поголема доверба во институциите.

„Нашата задача како Влада е да создадеме систем кој ќе ги препознае, мотивира и награди токму таквите луѓе. Систем во кој знаењето ќе биде предност. Систем во кој интегритетот ќе биде вредност. Систем во кој резултатите ќе бидат мерка за успех. Систем во кој граѓаните ќе бидат најважниот критериум за тоа дали сме успешни или не. Македонија денес се наоѓа во период на силен развоен циклус. Се градат патишта, се отвораат нови инвестиции, се реализираат капитални проекти, се создаваат нови можности за економски раст и за подобар животен стандард. Но секој од тие процеси, секоја инвестиција, секој проект и секоја реформа на крајот поминува низ институциите. Затоа успешната администрација не е само административно прашање. Таа е развојно прашање. Таа е економско прашање. Таа е прашање на доверба во државата. Ако сакаме Македонија да забрзува, тогаш мора да забрзуваат и институциите. Ако сакаме повеќе инвестиции, мора да имаме поефикасни институции. Ако сакаме повеќе можности за младите, мора да имаме подобри јавни услуги. Ако сакаме поголема доверба во државата, мора да имаме поголема доверба во институциите. Затоа верувам дека најдобрите денови за јавната администрација се пред нас. Верувам дека можеме да изградиме институции кои ќе бидат пример за професионалност. Верувам дека можеме да изградиме администрација која ќе биде гордост на државата. Верувам дека можеме да создадеме систем во кој граѓаните ќе чувствуваат дека институциите работат за нив и за нивните потреби. И верувам дека заедно можеме да ја вратиме довербата таму каде што таа најмногу му е потребна на едно општество, во државните институции“, рече Мицкоски.

Scroll to Top