Мицкоски од Њујорк покажува до каде е спремен да оди за „стратешкото партнерство“ со САД, велат од Левица

Мицкоски во Њујорк уште еднаш покажа до каде е спремен да оди со својата поданичка надворешна политика, велта од Левица.

„На самитот „Конкордија“ тој изјави дека Македонија во Обединетите нации гласа „рамо до рамо“ со САД, дека соработката со Вашингтон се продлабочува во воената индустрија, енергетиката и ископувањето на критични минерали, го поздрави американското присуство во регионот и, најважно, порача дека амбиција на неговата Влада е Македонија да стане „пример за Соединетите Американски Држави“, односно американски „showcase“ за регионот и Европа“.

Но, Мицкоски, додаваат од Левица, очигледно заборава дека партнерството меѓу империјалниот центар и зависната периферија никогаш не се мери според тоа колку убаво звучи дипломатскиот речник. Се мери, како што посочуваат од партијата, според тоа кој ги определува интересите, кој го контролира капиталот, кој ги зема ресурсите и кој, на крај, ја плаќа цената.

„Само еден ден пред Мицкоски да ја понуди Македонија како „пример“ за американското присуство, Трамп од говорницата на ОН ја бранеше американската војна против Иран, се закани дека САД можат да ја „анихилираат Исламската Република“, ја бранеше американската воена интервенција во Венецуела и отворено порача дека САД ќе ја употребат својата „ненадмината воена моќ“ за да ги обезбедат сопствените витални интереси.

Ова е американската визија за светскиот поредок која Мицкоски толку ревносно ја следи: САД ги дефинираат своите интереси, а остатокот од светот треба да се приспособи на нив.

А Мицкоски на оваа политика не ѝ поставува ниту едно прашање“.

Според Левица, додека Вашингтон ги штити сопствените стратешки интереси, Владата во Скопје ги отвора македонските ресурси и стратешката инфраструктура како простор за американски капитал. Во истата посета, додаваат од таму, се туркаат Чебрен и Галиште, гасоводната инфраструктура, дата-центрите, антимонот кај Крива Паланка и соработката со американската воена индустрија.

„Типично за еден неоколонијален однос: не мора некој формално да ти ја одземе државата за да ти ја ограничи економската и политичката сувереност. Доволно е стратешките ресурси да ги ставиш во функција на туѓ капитал, развојната политика да ја врзеш за странски инвестиции, а надворешната политика да ја усогласиш со интересите на помоќниот центар. Тогаш формално си суверена држава, но материјално стануваш зависна периферија.

Наместо Македонија да гради сопствена индустриска политика, сопствена енергетска стратегија и сопствена политика кон стратешките ресурси, Мицкоски сака земјата да ја претвори во платформа преку која Вашингтон ќе го зголемува своето економско, воено и геополитичко присуство на Балканот. Наместо да праша што му е потребно на македонското општество, тој прашува што може Македонија да понуди на американските стратешки интереси.

Ова е разликата меѓу сојузништво и вазалство. Една суверена држава може да соработува и да тргува со САД, а притоа да води политика според сопствените интереси. Но разликата е во тоа што нашиот премиер со гордост ја истакнува усогласеноста со Вашингтон во ОН, ја нуди земјата како пример за американското присуство, ја продлабочува воената соработка и ги отвора стратешките ресурси за американскиот капитал“.

Со тоа, нагласуваат, очигледно е дека станува збор за субмисивна надворешна политика во која интересите на центарот се претставуваат како интереси на периферијата.

„Мицкоски може да го нарекува тоа „стратешко партнерство“. Но, кога едната страна има капитал, воена моќ и глобално политичко влијание, а другата страна се натпреварува да стане нејзин „showcase“, не станува збор за рамноправност само затоа што договорот е потпишан од две суверени држави“.

Scroll to Top