Министерството за надворешни работи и надворешна трговија се огласи по објавите во српските медиуми за тројно убиство во Боливија, во кое наводно еден од убиените е македонски државјанин.
Од министерството информираат дека македонската амбасада во Бразил е во постојан контакт со Амбасадата на Боливија во Бразилија.
„За потврда на идентитетот на жртвите се очекува завршување на обдукцијата, која сè уште е во тек. По добивањето на официјална информација од боливиските власти за идентитетот на жртвите и околностите на настанот, Министерството ќе ја информира јавноста“, соопштија од МНР.
Медиумите синоќа објавија дека телата на Македонецот и двајцата Срби, убиени во Јужна Америка, биле пронајдени во црни пластични ќеси. Според неофицијалните информации, тие биле мачени, а потоа и ликвидирани во Боливија, пренесува белградска „Политика“. Убиениот македонски државјанин, како што пишуваат медиумите, е Дејанчо Л. oд Струмица, а уште еден бил предводник на меѓународна организирана криминална група која се занимавала со дистрибуција на големи количини на кокаин од Јужна Америка на теротории на одредени земји во Западна Европа. Двајцата српски државјани, според објавата на медиумите, се од Ниш.