„Секое дете има право да учи, да биде во средина каде го прифаќаат и да може, без оглед на пречките, да се развива. Министерство за образование и наука континуирано работи на унапредување на инклузивноста на националниот образовен систем. Одговоривме на барањата на многу родители кои сакаа да имаат право на избор во какво училиште ќе оди нивното дете. Ги послушавме и стручните лица кои забележуваа дека тоталната инклузија направи големи проблеми кај децата со поголеми потешкотии или мултихендикеп. Сега, со измени во регулативата, избор е на родителите заедно со Службата за функционална проценка на деца и млади, дали детето ќе оди во редовно училиште или во ресурсен центар, каде што има на располагање многу повеќе стручни лица и кадешто може да му се обрне повеќе внимание. Не е целта овие деца само формално да бидат вклучени во редовно образование, туку да имаат суштински напредок“, велат од МОН.
„Ја јакнеме поддршката. За децата со посебни образовни потреби вклучени во редовно школување, значајно го зголемивме бројот на образовни асистенти. Во основното образование веќе имаме над 1.300 образовни асистенти. За прв пат од оваа учебна година, како системска мерка, воведовме 130 образовни асистенти и во средното образование. Дополнително, во секое училиште има инклузивен тим, кој им дава подршка секогаш кога треба. А наставниците и асистентите добиваат помош од државните основни и средни училишта со ресурсни центри.
Ги унапредуваме капацитетите на воспитно-образовниот кадар. Континуирано се организираат обуки за инклузија и пристапи во поучувањето на ученици со посебни образовни потреби. Наставниците учат да препознаваат различни потреби кај учениците и да применуваат соодветни методи на работа.
Развиваме култура на вклучување. На посебни советувања родителите учат да не ги маргинализираат овие деца, како да ги поддржат и да им помогнат.
Одвојуваме повеќе буџетски средства за инклузија. Дополнително, и со новите формули за пресметка на блок дотации, предвидовме еден од елементите за зголемени дотации да биде инклузијата, односно средствата до општините се префрлаат и во зависност од бројот на дечиња со попреченост.
Пораката што ја испраќаме на 3 Декември – Денот на лицата со попреченост е: квалитетно инклузивно образование не е можно без развиено инклузивно општество. Секој од нас, во својата средина треба да придонесе кон градење заедница каде лицата со попреченост не се спомнуваат само еден ден, туку се вклучени во секојдневните активности и живеат, учат, работат и се дружат со луѓе кои ги поддржуваат, разбираат и не ги отфрлаат“, соопштуваат од МОН.







