Мрежа на портали во Македонија шират руска пропаганда, Агенцијата за национална безбедност отвори истрага

Агенцијата за национална безбедност води истрага за македонски државјанин поврзан на странски фактори кои се креатори на портали кои шират руска пропаганда, а се поврзани и со мрежа на портали интегрирани и во македонскиот медиумски простор.

„Во рамки на заеднички координирани активности на АНБ, МВР и ОЈО, на 18.09.2026 г. преземени се истражни дејствија кон македонски државјанин надоврзан на странски фактори кои се креатори на пропаганден апарат со мрежа на портали интегрирани и во македонскиот медиумски простор. Поради основано сомнение дека е сторител на КД „Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“ по член 319 од КЗ, „Одавање службена тајна“ по член 360 од КЗ и „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ по член 394-г од КЗ, извршен е претрес во неговиот дом при што се пронајдени и одземени предмети кои во моментов се предмет на дополнително вештачење“, соопшти АНБ.

Вистинските актери на оваа пропагандна мрежа која е во функција на руските интереси, додаваат од Агенцијта, се кријат преку клонирани псевдо-портали регистрирани со македонски интернет домен. Преку овие псевдо-портали се шират лажни вести, дезинформации и се врши преобликување на наративи за актуелни настани, со што се поткопува довербата во институциите и се поттикнува етничка и национална омраза и нетрпеливост.

Од АНБ наведуваат дека наведените активности се континуитет на претходно попречените проруски хибридни активности на македонски државјанин, надоврзан на овие пропагандни мрежи, за кого беше поднесена и кривична пријава за „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“.

„Агенцијата во рамки на своите надлежности ќе продолжи да презема активности во насока на детектирање и спречување на субверзивно-пропагандни активности преку мрежа на портали надоврзани на регионални проруски политички структури, со кои директно се поткопуваат стратешките евро-интегративни процеси на земјава“, велат од Агенцијата.

Scroll to Top