Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на Вториот министерски состанок на Балканската платформа за мир, кој се одржа во Истанбул, на иницијатива на министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан. На состанокот учествуваа министрите за надворешни работи од земјите на Западен Балкан.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакна важноста на реалистичен и резултатски ориентиран пристап кон регионалната соработка, нагласувајќи дека стабилноста не е стекната, туку се гради преку јасни интереси, практична соработка и конкретни резултати што граѓаните ги чувствуваат во секојдневниот живот. Тој потенцираше дека во услови на зголемена глобална фрагментација, конкурентност и безбедносни предизвици, земјите од Западен Балкан треба да ја претворат својата географија во предност, а политиката во мерливи исходи.
Министерот Муцунски ја нагласи значајната улога на Република Турција како сосед, сојузник во НАТО, важен економски партнер и стратешки мост, оценувајќи дека Балканската платформа за мир претставува корисен механизам за претворање на дијалогот во конкретни активности. Во тој контекст, тој предложи јасна и остварлива агенда за продлабочување на соработката меѓу Турција и земјите од Западен Балкан, со фокус на економската и инвестициската поврзаност, енергетската безбедност, подобрувањето на транспортната и трговската инфраструктура, како и задржувањето на младите и квалификуваната работна сила во регионот.
Посебен акцент беше ставен на зајакнувањето на регионалната безбедносна соработка, вклучително и справувањето со современите закани како организираниот криминал, сајбер-нападите, дезинформациите и насилниот екстремизам, при што беше нагласена потребата од засилена координација, заеднички обуки и размена на информации.
Министерот Муцунски истакна дека Република Северна Македонија е подготвена активно да придонесе кон оваа агенда, преку инвестирање во енергетска диверзификација, унапредување на регионалната поврзаност, јакнење на безбедносните партнерства и континуирана посветеност на дијалогот и добрососедските односи. Во завршницата на обраќањето, тој нагласи дека кредибилитетот на Платформата треба да се мери преку конкретни резултати, јасно дефинирани активности, носители и рокови, оценувајќи дека во актуелната деценија довербата нема да се гради врз основа на намери, туку врз основа на испорачани резултати.







