Набавени 100 нови возила за Македонска пошта

Набавени се 100 нови возила за потребите на Македонска пошта, инвестиција која, како што посочи премиерот Христијан Мицкоски, значи нов почеток, нова енергија и нова функционалност за систем кој со години се соочувал со предизвици.

„Денес зборуваме за една важна инвестиција која не значи само нови возила, туку значи нов почеток, нова енергија и нова функционалност за еден систем кој со години беше оставен да се справува сам со предизвиците“, рече Мицкоски.

Тој истакна дека Владата преку Министерството за транспорт реализирала набавка на 100 нови возила за Македонска пошта, нагласувајќи дека станува збор за одговор на реална потреба, со оглед дека просечната старост на постојниот возен парк била околу 15 години.

„Тоа значи застарена опрема, чести дефекти, зголемени трошоци и намалена ефикасност. Тоа значи доцнење на пратките, незадоволство кај граѓаните и намалена доверба на системот. Ние решивме да ставиме крај на тоа“, изјави Мицкоски.

Според него, набавката е дел од поширока стратегија за модернизација на институциите и подобрување на јавните услуги.

„Со новите возила, Пошта ќе може побрзо, поефикасно и посигурно да ги доставува услугите до секој граѓанин, до секое населено место, до секоја компанија. Ќе се намалат трошоците за одржување, ќе се зголеми продуктивноста, а услугата ќе стане поквалитетна“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека во рамки на Планот за раст се работи на мерки за зголемување на конкурентноста, со цел подобрување на ефикасноста и намалување на трошоците за најмалку 15 проценти, како и подобрување на профитабилноста за околу 15 проценти.

„Затекнавме систем кој долго време функционирал со минимални инвестиции, со застарена опрема и со нарушена ефикасност. Денес, чекор по чекор, го враќаме во функција. Го нормализираме. Го модернизираме. И го подготвуваме за иднината“, истакна Мицкоски.

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, информираше дека 90 од набавените возила се пикапи и 10 комби, со цел Поштата да може непречено да ја извршува својата основна функција.

 

„Малите возила се со носивост од 750 кг, додека големите се со носивост од 1.800 кг и ќе помогнат многу во забрзувањето на доставувањето на пратките, што е основната дејност на Пошта“, рече Николоски.

Тој посочи дека од проценета вредност од 130 милиони денари без ДДВ, на електронска аукција цената се намалила за 25 милиони денари.

„Финалната цена е 104 милиони денари без ДДВ, што значи дека заштедивме некаде над 400.000 евра само при оваа јавна набавка. Ова е најефтина набавка на овој тип на возила реализирана во државата, некаде просечно доаѓа околу 15-16.000 евра по возило, што е далеку најефтино од она што може да се најде на пазарот“, изјави Николоски.

Тој додаде дека целта е да се подобри ефикасноста во испораката на услугите и да се намалат трошоците за 15 проценти, како и да се подобри профитабилноста за дополнителни 15 проценти.

„Во следниот период очекуваме да се набави софтвер за Македонска пошта, како и сортирка која што во регионот воопшто ја нема и ќе значи дека Поштата ќе е најмодерна поштенска институција во целиот регион“, рече Николоски.

Scroll to Top