Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, заменик министерот Ѓоко Велковски, претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер, ги изнесоа клучните пораки за системско зајакнување на предучилишното образование и грижа и проширување на опфатот на децата во предучилишно воспитание и образование.
На конференцијата насловена – „Ран почеток, трајни придобивки – градинка за секое дете!“, беа презентирани наоди и препораки од анализата за иновативни модели на финансирање на предучилишното воспитание и грижа.
Северна Македонија може да го забрза проширувањето на пристапот до градинка ако ги искомбинира јавните инвестиции со поддршка на приватните градинки и работодавачите, при што ќе обезбедат финансиски достапни и инклузивни услуги, покажува новата анализа поддржана од УНИЦЕФ која беше претставена денеска.
Наодите истакнуваат итност, но и можности во ситуацијата: повеќе од 79.000 деца на возраст од 0 до 6 години не се запишани во некој облик на градинка, а за да се постигне националната цел од 65 проценти запишани деца во градинка до 2032 година, потребни се околу 19.000 дополнителни места.
Побарувачката веќе ја надминува понудата, па така, во 2025 година имало речиси 5.000 деца на листите на чекање. Опфатот по општини значително варира, од висок процент на запишани деца во одредени подрачја, до помалку од 10 проценти или никаков упис во други. Најранливите деца, како децата Роми, децата со попреченост и оние што живеат во сиромаштија, и понатаму имаат најмал пристап до ваквите услуги.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани истакна дека Министерството работи на проширување на капацитетите преку изградба и реконструкција, но и модели на згрижување како што се групи за згрижување деца во други просторни услови и центри за ран детски развој. А во насока на поголем пристап до предучилишно образование и поддршка на приватните даватели на услуги.
„Во соработка со проектот на Светска банка за подобрување на социјалните услуги и со УНИЦЕФ, ќе предложиме модел за ваучери со кои децата од ранливи семејства и децата кои се на листи на чекање би можеле да добијат можност за запишување во приватни градинки. Овој пристап, доколку покаже добри резултати во практиката, може да стане трајна политика која ќе придонесе за побрзо зголемување на опфатот“, рече министерот Лимани.

Во своето обраќање пред присутните, претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер истакна:
„Образованието и грижата во раното детство се меѓу најважните инвестиции во детскиот развој, подготвеноста на децата за школување и долгорочниот човечки капитал. Зголемувањето на бројот на места во градинките е од суштинско значење, но ќе даде резултати само ако пристапот е рамноправен, инклузивен, финансиски достапен и со добар квалитет. Ако не осмислиме систем што ќе ги опфати најранливите деца, постои ризик да ги продлабочиме токму тие нееднаквости што се обидуваме да ги намалиме. Целта не е само повеќе места во градинките, туку подобри можности за секое дете, во секоја заедница.“
Анализата покажува дека сегашниот систем, којшто во голема мера се потпира врз јавни средства, не може доволно брзо да ја задоволи побарувачката. Само 7 проценти од запишаните деца се запишани кај приватни градинки, а многу се ретки примерите кога работодавачите организираат вакви услуги за децата на вработените. Проширувањето на јавната инфраструктура би траело со децении и би барало инвестиции поголеми од 100 милиони евра, како и значително поголема работна сила.
Поефикасен начин за зголемување на опфатот е проширувањето на јавната инфраструктура да се комбинира со воведување кофинансирање на приватните градинки и работодавачите. Во анализата се предлага до 2032 година да се отворат приближно 13.500 нови места во приватните градинки и 5.300 места во јавните градинки, со модел на кофинансирање кој ќе овозможи услугите да бидат достапни за сите семејства, вклучувајќи ги и најранливите.
За да се обезбеди поголема правичност во пристапот до градинка, анализата предлага и конкретни мерки како што се ослободување од плаќање за најранливите семејства, варијабилен надоместок врз основа на приходот на родителите, поддршка за превоз и за запишување на најранливите, со што новите места ќе станат реална можност за сите деца, вклучително и за оние кои се во ризик од исклученост. Дополнителната помош за децата со попреченост би се состоела од практични мерки како подобрување на пристапноста на објектите и доделување наменски средства на општините за да им овозможат целосно учество на децата со попреченост во квалитетно предучилишно образование.
Учесниците на настанот се согласија дека проширувањето на пристапот до образование и грижа во раното детство не е само прашање на инфраструктура, туку бара поширока трансформација на системот. Подобрата координација меѓу централната и локалната власт, градинките и работодавачите, заедно со одржливото инвестирање во квалитет, работна сила и инклузија, ќе бидат пресудни за тоа секое дете да добие најдобра шанса на почетокот на својот живот.
Настанот го заокружи заменик министерот Велковски, кој во завршните зборови на конференцијата порача:
„Побарувачката за места во градинките расте, а наша обврска е да одговориме со конкретни решенија. Затоа инвестираме во нови капацитети кои ќе овозможат згрижување на дополнителни 3.515 деца низ државата. Но, вистинскиот успех нема да се мери само со бројот на нови места, туку со тоа колку сме успеале да обезбедиме пристап за секое дете, особено за оние кои најдолго биле надвор од системот“.







