Управата за јавни приходи ја објави септемвриската листа на најголеми должници, на која се вкупно 5.240 правни и физички лица со ненамирени обврски од над 13,64 милијарди денари, односно околу 221,8 милиони евра.
На врвот на листата се три компании од Скопје, а најголем должник е „Хант осој трејд“, со долг од над 900 милиони денари, односно околу 14,87 милиони евра.
Според информациите на УЈП, компанијата нема имот од кој долгот би можел директно да се наплати.
„Не поседува движен и недвижен имот. Има присилна наплата од парични средства. Утврдена е даночна гаранција, во тек се мерки за наплата од даночен гарант“, велат од УЈП.
Со сличен износ на неплатени обврски е и скопската компанија „Окитна трејд“, регистрирана во Визбегово. Меѓу трите најголеми должници е и „Лисав“ од Скопје.
Кај сите три компании, според објавените податоци, долгот се однесува исклучиво на неплатен данок на додадена вредност.
Септемвриската листа се однесува на долгови доспеани за плаќање до 31 мај 2026 година, а кои не биле платени ниту до 31 август.
На неа се опфатени обврски по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.
За физичките лица и самостојните вршители на дејност на листата се објавуваат долгови повисоки од 120.000 денари, додека кај правните лица прагот е над 300.000 денари.
Од вкупно 5.240 должници, 2.008 се правни, а 3.232 се физички лица.
Податоците покажуваат дека состојбата се влошила во споредба со претходниот месец. На листата има дополнителни две фирми и 38 физички лица, а вкупниот ненамирен долг е зголемен за околу 7,3 милиони евра.
Само долгот по основ на даноци и придонеси изнесува 13,46 милијарди денари, односно околу 218,8 милиони евра. Тој за еден месец е зголемен за речиси 7,5 милиони евра.
Практично, најголемиот дел од вкупните 221,8 милиони евра што ги побарува државата од обврзниците се однесува токму на неплатени даноци и придонеси.
Од УЈП посочуваат дека листата на должници се објавува согласно член 9 од Законот за даночна постапка.







