Николоски за стопирање на биометриските проверки кон Грција: Не треба да правиме маркетинг туку да ја завршиме работата

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, нема да го следи примерот на колегите од соседството кои од Грција бараат во летната сезона да бидат суспендирани биометриските проверки на границите и за барањата секој чекор го споделуваат со граѓаните.

„Ова покрај технички се и политички прашања. Во вакви прашања мене секогаш ми била целта да ја завршиме работата, а не од тоа да правиме политика или маркетинг. Јас нема да го правам она што го прават колегите од соседните држави затоа што на тој начин го уништуваат процесот и еве ќе застанам тука“, рече министерот Николоски.

Туристичко-угостителската комора на земјава вчера преку допис до грчкото Министерство туризам побара во летниот период, од 1 јуни до 1 септември, македонските граѓани да бидат изземени од биометриската контрола поради големиот интерес кој би направил огромен застој на границите. Вакво барање веќе поднесе Србија, охрабрена од одлуката на грчката Влада во летниот период да ја суспендира биометриската контрола на граѓаните од Велика Британија поради огромниот метеж на границите и аеродромите со цел да го намали времето на чекање за влез во Грција на нивните најбројни туристи.

Новиот европски систем за влез/излез во земји членки на Европската Унија, ЕСС, кој налага биометриско скенирање на секој патник е задолжителен од пред две недели.

Scroll to Top