Досегашниот тек на истрагата, што од февруари годинава се води во обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, за организиран транспорт на марихуана од Македонија во Србија, укажува на поширок круг лица инволвирани во организираната криминална активност.
Од Обвинителството соопштија дека обезбедените докази што произлегуваат од преземените истражни дејствија и меѓународната соработка со надлежните органи на Србија, резултираа со проширување на истрагата за уште седум лица.
„Од засега неутврден период во текот на 2025 година до крајот на јануари 2026 година, на македонската и српска територија, шестмината против кои се води постапка во Србија, шестмината опфатени со истрагата на ОЈО ГОКК од февруари, седуммината новоосомничени, како и други засега непознати лица, се здружиле заради неовластена продажба и пуштање во промет наркотична дрога марихуана. Секој од нив имал определена улога, при што самите или преку други непознати лица преземале, држеле и пренесувале наркотична дрога марихуана заради нејзина понатамошна неовластена продажба и пуштање во промет на територијата на Република Србија и други држави“, соопшти обвинителството.
Како параван за недозволените активности било користено правното лице во Скопје кое поседува одобрение за одгледување канабис за медицински цели и дозвола за производство на екстракти од канабис за медицински потреби.
Сопствениците на правно лице од Скопје, од кои едниот е и управител, заеднички и по претходен договор организирале и други засега непознати лица од Србија и Македонија за заеднички да набавуваат марихуана и во повеќе наврати да ја транспортираат од Македонија во Србија.
За таа цел користеле товарни возила и царински декларации со кои се прикажувало дека се превезува текстилна, прехранбена и друг вид стока. Откако дрогата ќе била пренесена преку државната граница, организирале нејзино складирање во месноста Коњух кај Крушевац, каде марихуаната се препакувала и дистрибуирала за натамошна продажба.
Кај товарните возила со претходно царинета и пломбирана стока се отстранувала пломбата и се вадел дел од царинетата стока, а на нејзино место се ставале кутии со марихуана со тежина приближно еднаква на тежината на извадената стока. Потоа товарното возило се упатувало кон ГП Табановце, при што било следено од некој од осомничените со патничко моторно возило. На овој начин марихуаната била транспортирана прикриена како прехранбени производи, перници и јоргани.
На 21 јули 2026 година, српското Јавно обвинителство за организиран криминал поднесе обвинителен акт против шест членови на организирана криминална група за меѓународен недозволен транспорт на марихуана. Според тамошното обвинение, двајца од сопствениците на правното лице од Скопје давале насоки и инструкции и ги координирале припадниците на криминалната група кои имале задача во месноста Коњух да ја примат и складираат дрогата во магацински простор на правно лице, чиј сопственик и управител е исто така обвинет. Дел од дрогата потоа се складирала во помошни објекти во неговиот дом во Коњух, каде било организирано нејзино препакување за натамошна продажба, по што марихуаната наменета за продажба на територијата на Белград му била предавана на друг обвинет член на групата.
Во меѓувреме, во постапката што се води пред ОЈО ГОКК, на 10 август 2026 година Основниот кривичен суд Скопје донесе две пресуди врз основа на предлог-спогодби склучени со двајца осомничени. Со спогодбите осомничените признаа дека го сториле кривичното дело што им се става на товар. Притоа им се изречени казни затвор во траење од три години и шест месеци, односно три години и осум месеци.







