Министерскиот состанок на ОБСЕ во 2023 година беше најголемиот и најзначајниот меѓународен настан организиран досега во Северна Македонија, настан кој собра министри за надворешни работи и делегации од целиот ОБСЕ простор, ставајќи ја нашата земја во центарот на светската дипломатија цели три дена, реагираат од ДУИ откако денеска „Вреди“ кажаа дека Бујар Османи и во МНР спроведувал сомнителни криминални тендери . Настанот, велат од ДУИ, беше пофален од сите партнери и меѓународни институции, опишан како совршено организиран и момент што ги направи горди сите граѓани. Според партијата на Ахмети, сите надлежни државни институции, вклучувајќи ги и тие за надзор ја потврдија неговата законитост, транспарентност и примерна реализација. „Обидите на „Вреди“ да клеветат не се ништо друго освен политичка злонамерност и завист. Ниту еден извештај не утврдил незаконитост. Ниту една постапка не е прекршена. Ниту еден договор не е нелегален. Вистината е едноставна: Северна Македонија ја пречека светската дипломатија и реализираше настан кој ќе остане запаметен како дипломатски и организациски триумф. Овој успех им припаѓа на граѓаните, на институциите и на секој што работеше со посветеност за да го прикаже најдоброто од нашата земја. Разбираме дека за оние кои никогаш немаат организирано ништо со меѓународна вредност е полесно да шират клевети отколку да ја прифатат реалноста. Но фактите остануваат факти и ниеден политички шум не може да избрише една национална приказна за успех“. Кампањата на клевети на „Вреди“ за ДУИ, не е напад само врз една личност туку тоа е навреда за секој службеник, волонтер и граѓанин кој придонесе како што велат, Министерскиот состанок на ОБСЕ да биде извор на гордост за Северна Македонија.







