Денес беше испечатен првиот од двата предвидени броја на списанието за литература, култура и уметност „Современост“ за 2026 година, годината во која се одбележуваат 75 години од неговото основање (1951-2026). Во бројот се вклучени 4 прилози проза, 5 прилози поезија, 1 сценарио, 2 книжевни превода, 2 прилози интерпретации и 3 рецензии.
Помеѓу останатите прилози, во бројот се поместени трудовите „Етичките димензии и влијанија на филмската индустрија и уметност“ од Стефан Марковски и „Коригирање и уточнување: Кон песните на Илинка Везенковска (Везенковиќ) во зборникот на Милош С. Милоевиќ“ од Славчо Ковилоски, есејот „Кој ги скрши крилцата на галаби бели“ од Васил Тоциновски, циклус кратка проза од Катерина Момева, извадок од романот „Немам страв“ од Трајче Стамески, поезија од Христо Петрески, Васил Дрвошанов, Александра Јуруковска, рецензии на книжевни дела од Лидија Капушевска – Дракулевска, Јованка Денкова и Силвана Димитриевска.
Илустрациите во бројот се дело на ликовниот уметник Иван Ивановски.
Целата содржина на бројот е вклучена во објавените фотографии.
Списанието за литература, култура и уметност „Современост“, почнало да излегува во април 1951 година во издание на Книгоиздателството „Кочо Рацин“, од уредниците на првото македонско книжевно списание „Нов ден“ (1945-1950), како директен наследник на ова списание.







