Одложени активности на отворено: Министерството за здравство со препораки поради најавите за високи температури

Министерството за здравство информира дека согласно најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во периодот од 8 до 13 август, 2025 година се очекува значително зголемување на дневните температури, кои во одделни региони може да достигнат до 39°C. Поради тоа, потсетуваат на почитување на општите препораки за заштита на населението од високи температури: „Престојувајте во затворени, разладени простории, особено во периодот од 11:00 до 17:00 часот. Внесувајте доволно течности, избегнувајќи алкохол и засладени пијалоци. Носете лесна, светла облека и користете заштита за глава и очи. Избегнувајте физичка активност во најтоплите часови од денот. Посветете внимание на деца, стари лица, лица со хронични заболувања и бремени жени – овие групи се особено чувствителни на високи температури. Во случај на симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс – веднаш побарајте медицинска помош. Одложете активности на отворено во најтоплиот дел од денот. Обезбедете микроклиматски услови (разладени простории со температура до 25°C) на работното место и во домот“. Министерството, како што велат, внимателно ја следи состојбата на дневна основа и ќе постапува согласно проценките и потребите.

Scroll to Top