Запуштената зелена површина на плоштадот „Македонија“, која со години граѓаните ја нарекуваа „ливада“, добива нов изглед. Во тек е целосно хортикултурно уредување на просторот и поставување ново зеленило, информира градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Како што наведува Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук, со уредувањето просторот треба да прерасне во мала зелена оаза, која ќе се вклопи во изгледот на централниот градски плоштад.
Паралелно се работи и на обновување на оштетените делови од плоштадот. Заменети се значително оштетените подни плочки на потегот кај Порта „Македонија“, а активностите за санација на преостанатите оштетени делови ќе продолжат и следната недела.
Во тек е и обновувањето на подната фонтана, каде, според Ѓорѓиевски, работите се одвиваат со засилено темпо.
„Наскоро, целиот овој простор повторно ќе претставува уредна, современа и привлечна целина, вистинска разгледница на Скопје“, наведува градоначалникот.
Тој додава дека целта е да се уредува секој простор и секој детал, со оценка дека центарот на главниот град треба да биде неговото најубаво лице.
„Нашето Скопје заслужува!“, порачува Ѓорѓиевски.







