Трагичната приказна за љубовта, страста, честа и одмаздата, раскажана преку операта „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи, повторно ќе оживее на сцената на Националната опера и балет на 28 јануари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова оперско дело претставува едно од најзначајните остварувања на италијанскиот композитор Маскањи и останува еден од најизведуваните наслови на светските, како и на домашната оперска сцена.
Изведбата ќе биде под диригентската палка на Иван Еминовиќ, во режија на Џандоменико Вакари (Италија). Сценографијата е на Зоран Николовски, костимографијата на Елена Дончева, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстори се Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска.
Во солистичката екипа настапуваат: Благица Поп Томова во улогата на Сантуца, Зоран Сотиров како Туриду, Ристе Велков во улогата на Алфио, Александра Лазаровска Василевски како Лола и Марика Поповиќ во улогата на мајка Лучија, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
„Кавалерија рустикана“ е оперски бисер во кој човечките страсти и неминовната судбина се прикажани со директна драматичност и силна музичка моќ, оставајќи длабок впечаток кај публиката уште од својата премиера до денес.







