Обидот на опозицијата да освои ситни политички поени преку неосновани напади врз Општина Чаир е уште една потврда дека, наместо факти, избира манипулации. Изнесените тврдења за задолжувањето на општината се целосно невистинити и покажуваат елементарно непознавање на функционирањето на локалната самоуправа и законските процедури, велат од Општина Чаир.
„Општина Чаир не зема кредит за враќање долгови, туку за реализација на капитални инвестиции што ќе донесат конкретни придобивки за граѓаните. Конкретно, со планираното задолжување на Општина Чаир, кое е со ниска каматна стапка, рок на отплата од 10 години и една година грејс-период, ќе се овозможи реконструкција на тротоари и друга патна инфраструктура, реконструкција и доградба на спортски терен, подобрување на уличното осветлување, уредување на јавни површини, како и завршување на започнати проекти. Ваквиот вид задолжување за капитални инвестиции е законски дозволен и претставува воспоставена практика во сите општини. Неговата единствена цел е подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Но, очигледно е дека на опозицијата повеќе ѝ одговара да шири страв и дезинформации отколку да зборува за развој“, се наведува во реакцијата.
За разлика од оние што секој проект го гледаат низ призмата на дневната политика, се додава во реакцијата, Општина Чаир продолжува да работи транспарентно, законски и исклучиво во интерес на граѓаните.
„Ги охрабруваме сите надлежни институции да ја проверат целокупната документација поврзана со ова задолжување. Уверени сме дека фактите уште еднаш ќе потврдат дека обвинувањата на опозицијата се целосно неосновани“, велат од Општина Чаир.







