Во организација на Министерството за локална самоуправа денес се одржа практична работилница на тема: „Презентација на постапката за поднесување барање за поддршка од општините во рамки на Ресурсниот центар за поддршка на развојот на општините“.
Работилницата беше наменета за претставници на општинската администрација, со цел нивно практично запознавање со дигиталната алатка, процедурите за поднесување барање за поддршка и начинот на евалуација на испорачаната поддршка кон општините.
Во своето обраќање, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, упати апел до општините активно и рационално да ги користат расположливите механизми за поддршка.
„Иако локалната власт е самостојна и има сопствени изворни надлежности и одговорности, преку партнерска соработка и взаемна поддршка можеме да постигнеме многу повеќе. Затоа градиме концепт за синергија на сите расположливи ресурси во државата кои ќе бидат ставени во функција на општините,“ истакна министерот Перински и додаде „Станува збор за процес што заеднички со вас ќе продолжиме да го градиме, унапредуваме и прилагодуваме, водени од вашите реални потреби и искуства од секојдневното работење“.
Тој нагласи дека Владата останува силно посветена на поддршка на општините преку инвестиции, јакнење на капацитетите и обезбедување практични алатки што ќе придонесат за поефикасна локална администрација и поквалитетни услуги за граѓаните.







