„Помина повеќе од еден месец откако Левица достави конкретни докази, вклучително и фотографии, до Антикорупциската комисија во врска со сомнежите за поврзаност помеѓу директорот на СОЗР Ивица Томовски и управителот на компанијата „Сити Аутсорсинг“, фирма која инкасираше околу 5 милиони евра државни пари преку тендери“, велат од Левица.
„И покрај сериозноста на наводите, ДКСК очигледно во обид да го заташка и овој случај, до денес нема излезено со никаква информација, а не пак со конкретен исход од пријавата.
Во контекст на најновите сознанија коишто Левица ги обзнанува, за внатрешни мрежи и „филтри“ во Антикорупциската комисија, сосема легитимно се поставува прашањето – дали доказите што ги достави Левица завршија во нечија фиока, дали „случајно“ се изгубени во архивата, или едноставно предметот се држи во мирување додека октоподската мрежа на ДПМНЕ ги штити своите функционери?
Фактот што и по изминат период нема никаква реакција од ДКСК, ниту објаснување до каде е постапката, само ја зацврстува сликата за институција која наместо да биде коректив на власта, функционира како нејзин штит. Кога станува збор за луѓе блиски до Мицкоски и до врвот на ДПМНЕ, предметите или се затвораат паушално, или се влечат со месеци, сè додека јавноста не биде заморена и темата не се заборави.
Ќе продолжиме јавно да инсистираме на одговори: што презеде Антикорупциската комисија по доставените докази за сериозна корупција, до каде е предметот за „Сити Аутсорсинг“ и Томовски, и зошто владее молк кога станува збор за милионски тендери и блиски соработници на премиерот?!“, соопшти Левица.







