Повеќе од 14.500 матуранти денеска го полагаат изборниот екстерен испит

Повеќе од 14.500 матуранти се пријавени за полагање на матурата и денеска ќе го имаат првиот екстерен испит, кој е изборен за кандидатите. Задолжителниот екстерен испит (мајчин јазик и литература) матурантите ќе го полагаат на 11, односно на 12 јуни. Во согласност со измените на Законот за средното образование, оваа година првпат се полагаат три типа матурски испит според видот на образование – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура.

Тие што ќе полагаат државна матура, денеска ќе бидат тестирани по странски јазик (англиски, француски, германски, руски или италијански) или математика, за пријавените за стручна матура изборот е англиски јазик или математика, а кандидатите за уметничка матура ќе полагаат англиски јазик или историја.

Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), кој го организира и спроведува матурскиот испит, од вкупно пријавени 14.587 ученици за полагање на матурата, 12.184 се пријавиле да полагаат државна матура, 2.276 ученици за државна стручна матура и 127 се пријавени за државна уметничка матура.

За секој испит (предмет) од типовите матура се изработени посебни испитни програми врз основа на кои се изготвени испитните прашања. Од ДИЦ посочуваат дека овие испитни програми се темелат на наставните програми по кои учениците следеле настава во текот на нивното четиригодишно образование.

Гимназијалците полагаат само државна матура и се пријавени 5.713 кандидати. Државна матура, исто така, може да полагаат и учениците од стручните и од уметничките училишта, кои избираат помеѓу државна матура и стручна, односно уметничка матура. Па така, според податоците на ДИЦ, од 8.629 кандидати за матура од средните стручни училишта – 6.353 се пријавени за државна матура, а 2.276 за државна стручна матура. Од 245 кандидати од уметничките училишта, пак, 118 се пријавени за државна матура и 127 за уметничка државна матура.

Во 9 часот денеска почнува полагањето на изборниот екстерен предмет. Кандидатите кои избрале државна матура ќе полагаат тест по странски јазик (англиски, француски, германски, руски или италијански) или математика. Кандидатите кои ќе полагаат државна стручна матура ќе имаат тест по англиски или по математика, а за државна уметничка матура изборот е помеѓу англиски јазик и историја.

Scroll to Top