„Приказната за Силјан“ со хрватска кино-премиера во Загреб

На покана на хрватскиот дистрибутер, македонскиот КИЦ во Загреб се јавува како еден од партнерите на кино-премиерата и дистрибуцијата во Хрватска на македонскиот документарен филм, „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска кој што својата премиера ја имаше на престижниот Меѓународен филмски фестивал во Венеција.

„Ова е одлична и ексклузивна прилика пошироката хрватска публика да го види најновото успешно остварување на македонската филмска документаристика. Македонскиот КИЦ во Загреб преку вакви соработки, не само што ги шири хоризонтите на регионалната културна сцена, туку доследно и достоинствено ја презентира македонската култура, филм и авторство надвор од националните граници, градејќи мостови на разбирање, дијалог и културна размена“, вели директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска.

„Приказната за Силјан“ е длабоко комплексно филмско дело кое својата наративна база ја пронаоѓа во народната митолошка приказна. Режисерката Котевска вешто користејќи ги особеностите и можностите на филмскиот јазик ја развива познатата приказна поврзувајќи го митското и минатото со сегашниот егзистенцијален момент. На овој начин, Котевска успева на своето дело да му даде силна безвременска и беспросторна димензија и да создава порака која ги преминува јазичните и културолошки меѓи и бариери на филмсите вљубеници ширум светот. Филмот отвора емотивни прашања и безброј можни одговори за местото на индивидуата во светот кој, сите ние, се обидуваме да го сфатиме и прифатиме.

Хрватскиот дистрибутер „Рестарт“ кино премиерата и почетокот на дистрибуцијата на „Приказната за Силјан“ во Хрватска ја најави за 28-ми јануари во ДокуКИно КИЦ во Загреб, а истата ќе се реализира во соработка со Volim Dokumentarce, платформа за дистрибуција на креативни ангажирани документарни филмови од земјите на поранешна Југославија и македонскиот Киц во Загреб.

Scroll to Top