Пукал од „бмв“ на семејна веселба – 21-годишен тетовец се пофалил на социјални мрежи, па завршил во полициска станица

Веселбата во тетовското село Желино завршила со полициска интервенција откако млад маж решил да прослави на опасен начин. Според информациите од МВР, 21-годишниот С.Ш. од Голема Речица бил уапсен откако пукал со огнено оружје од своето патничко возило „БМВ“ со тетовски регистерски таблички – и целиот настан го објавил на социјална мрежа.

Инцидентот се случил вчера околу 10 часот наутро, додека осомничениот одел на семејна веселба во селото Желино. Само неколку часа подоцна, околу 00:50 часот, полициските службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода.

При претрес кај него бил пронајден и одземен пиштол марка „Зораки“, со една празна рамка и кутија со 21 куршум, за кои не поседувал дозвола.

С.Ш. е задржан во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Scroll to Top