Јавниот обвинител Ненад Савески денеска оствари работна средба со Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски.
На средбата беа разменети мислења и информации за состојбите во правосудниот систем и владеењето на правото, како и за улогата и одговорностите на двете институции во насока на нивно унапредување и градење функционална правна држава.
Соговорниците ја истакнаа важноста од обезбедување максимална независност и самостојност на правосудните органи, како суштински предуслов за владеење на правото.
Костадиновски нагласи дека политиката и државните органи треба да покажат повисока уставна, правна и политичка култура и да се воздржат од какви било влијанија и притисоци врз правосудството. Тој посочи дека транспарентноста е еден од клучните приоритети на Судот, при што воведувањето на јавно емитување на седниците претставува значаен чекор кон поголема отвореност и отчетност.
„Обидите за политизација и етнизација на работата на Уставниот суд и на било кој правосуден орган, како и креирањето перцепција за недоверба во институциите, претставуваат директен удар врз демократијата. Крајно време е политиката да ги тргне рацете од правосудниот систем, а правосудниот систем да испорача конкретни резултати“, истакна Костадиновски.
Савески потенцираше дека без јасна одговорност и мерливи резултати не може да се говори за вистинско владеење на правото. Тој додаде дека транспарентноста е неопходен предуслов за зајакнување на довербата на граѓаните во институциите.
„Јавното обвинителство останува цврсто посветено на доследно, навремено и непристрасно постапување, но истовремено е неопходно сите институции да преземат активна улога и да придонесат кон создавање систем што дава резултати. Недовербата во правосудството може да се надмине само преку конкретни постапки, професионален интегритет и видлива отчетност. Владеењето на правото не е декларативна определба, туку обврска која бара континуирана и одговорна акција“, истакна Савески.







