Сакура во Aеродром: „Авионче“ ќе стане јапонска оаза со култура, игри и боречки вештини

На 18 април 2026 година (сабота) во паркот „Авионче“ ќе се одржи Sakura Festival – културно-едукативен настан чија цел е да ја доближи јапонската традиција, уметност и филозофија до локалната публика преку внимателно осмислена и содржајна програма.

Настанот ќе се реализира во периодот од 12:00 до 15:00 часот и претставува синергија на едукативни, културни и забавни содржини, наменети за широка публика, вклучувајќи семејства, млади и љубители на интернационални култури.

Програмата на фестивалот опфаќа музички дел со настап на DJ Filip Popovski, едукативна работилница „Играме И-ГО“ со професор Јошио Којама, насочена кон промоција на стратегиското размислување преку традиционалната јапонска игра, како и презентација на јапонски боречки вештини, со акцент на дисциплина, техника и културно наследство.

Sakura Festival има за цел да поттикне културна размена, едукација и социјална интеракција, притоа создавајќи уникатно искуство инспирирано од симболиката на сакура – цвет кој во јапонската култура претставува убавина, обновување и хармонија.

Настанот, кој е поддржан од Општина Аеродром, е отворен за јавноста и се очекува да придонесе кон збогатување на културната понуда во градот, како и кон зајакнување на интересот за интернационални културни содржини.

Scroll to Top