Во насока на обезбедување на квалитетен и функционален јавен простор кој ќе стои на располагање на сите генерации, Општина Кисела Вода континуирано работи на санација и реконструкција на урбаната опрема и на опремата во детските катчиња на целата своја територија.
Следејќи ја реалната состојба и мапираните потреби, општинските служби интервенираат на повеќе локации. Имено, во населбата Расадник, во непосредна близина на градинката, извршена е санација на детското игралиште. На спортскиот терен кај подрачното училиште „Кузман Јосифовски – Питу“ поставени се нови кошаркарски обрачи со мрежички, нови канти за отпад, а во моментов активно се работи на санација на клупите, извести Општината.

Активностите за обнова се спроведоа и во парк „Иднина“, каде целосно се санирани оштетените клупи и лулашки, а поставени се и нови канти за отпадоци. Интервенции на урбаната опрема, поправка на клупите и поставување на канти се реализирани и кај последната автобуска постојка на линијата 24, во парк „Македонија“, како и во парк „Дупки“ во населбата Драчево. Дополнително, на улица „Пушкинова“ поставени се целосно нови канти за отпадоци, додаваат од Општината.

„Овие интервенции се од исклучителна важност за сите наши жители. Примарната цел е да обезбедиме безбедни, модерни и функционални катчиња каде најмладите безгрижно ќе играат, младите ќе спортуваат, а повозрасните ќе имаат пријатно место за одмор. Вложувањето во јавниот простор е директно вложување во квалитетот на животот. Сепак, за да можеме сите долгорочно да уживаме во овие уредени простори, неопходна е заедничка грижа. Упатувам силен апел до сите граѓани за совесно и одговорно однесување кон јавното добро. Урбаната опрема, парковите и спортските терени се градат со средства на сите нас и му припаѓаат на секој наш жител. Строго апелирам да не се уништуваат и кршат детските реквизити и клупите, и отпадот да се одложува исклучиво на соодветните места за таа намена. Само со меѓусебна почит и домаќински однос кон јавните површини ќе придонесеме нашата општина да остане чисто, убаво и безбедно место за живеење“, изјави градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.







