СДСМ: Орбан и Мицкоски го шират влијанието на Балканот

СДСМ со длабока загриженост ги следи најновите случувања во регионот, предупредувајќи на ширење на унгарското влијание врз клучните економски и енергетски сектори на Балканот. „Политичката и бизнис спрега на релација Орбан–Мицкоски влијае и врз Македонија“, се наведува во соопштението на партијата.

Во Давос, премиерот Мицкоски немаше средба со ниту еден висок европски или светски лидер. Видеата кои сам ги снимаше покажуваат дека имал само неколку кратки средби со партнери, меѓу кои и сопственикот на унгарската 4iG.

СДСМ укажува дека унгарската енергетска компанија MOL, блиска до Орбан, потпишала прелиминарен договор за купување на 56,15% од акциите во српската нафтена индустрија (НИС), која досега беше под контрола на рускиот Газпром. „Овој обид не е само бизнис потег, туку е дел од Орбановиот план за контрола врз енергетските ресурси во регионот“, се вели во соопштението.

Партијата посочува дека Орбан преку унгарски компании веќе инвестира во банкарскиот сектор во Србија и други области на бизнисот, а сега се фокусира и на енергетскиот сектор, вклучително планови за нафтовод меѓу Србија и Унгарија и зголемени испораки на нафта поради санкциите. Двете земји, според СДСМ, и понатаму одржуваат блиски односи со Русија, иако тоа е спротивно на политиката на ЕУ.

„ВМРО продолжува да копира модели од Фидес и СНС, злоупотребувајќи ја власта за лични и партиски интереси“, предупредуваат од СДСМ, додавајќи дека ваквите чекори ја загрозуваат европската иднина на Македонија. Партијата повикува на будност и заштита на националните интереси од странски влијанија.

„Не смее да се дозволи нашата земја да стане дел од овој круг на корупција и авторитарност. Борбата за праведна и европска Македонија продолжува!“, велат од СДСМ.

Scroll to Top