Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Чешката Република, Ирена Гецова. На средбата беше потврдено пријателството меѓу двете земји, коишто од 1994 година континуирано ги унапредуваат билатералните односи и го засилуваат партнерството во меѓународните институции и организации.
Претседателката препознава потенцијал и можност за интензивирање на односите во економијата, со што се согласува и амбасадорката, посочувајќи ги областите на безбедноста, бизнисот и образованието како предизвик за поширока и подлабока соработка и поголема комуникација меѓу чешките и македонските граѓани.

Сиљановска-Давкова изрази уверување дека плодното дипломатско искуство на амбасадорката Гецова, како и нејзиното одлично познавање на регионот ветуваат дека сме на прагот на отворање ново поглавје во македонско-чешките односи.
Таа се заблагодари за искрената и принципиелна поддршка на Чешката Република на нашиот долг и тежок пат кон Брисел.

Водена од актуелните геополитички предизвици, Сиљановска-Давкова ја акцентираше важноста од интегрирањето на Западен Балкан во ЕУ, не само од географски, историски и културни причини, туку и како сигурна гаранција за европската безбедност, стабилност и отпорност на несакани и непредвидливи влијанија.
Претседателката, исто така, укажа на правната, политичка и етичка неодржливост на толерирањето на непочитувањето на европските принципи и вредностите, утврдени во конститутивните акти на ЕУ од нејзини членки, наши соседи, иако подршката од нив би требало да биде најголема.

Според неа, мора да се стави крај на неевропското блокирање на нашите преговори, односно на злоупотребата на ветото во функција на билатерализација на преговарачкиот процес, инспирирана од намерата за ревизија на историјата преку диктирање ирационални услови, врзани за оспорување на идентитетот на македонскиот, или било кој друг балкански народ.
Сиљановска-Давкова, преку новоименуваната амбасадорка му упати покана на чешкиот претседател да нѐ посети.
На крајот, на амбасадорката Гецова и посака добро здравје и успешно извршување на благородната и одговорна функција што ја има.







