Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Молдавија, Емил Жакота

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Молдавија, Емил Жакота, кому му посака успешно извршување на значајната дипломатска мисија.

Триесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи, според нив, сведочи за долг период на меѓусебно пријателство, што во иднина треба да се збогати со поширока соработка во повеќе области, пред сѐ во економијата, за што е потребна соодветна правна рамка.

За обајцата, иднината на двете држави, коишто споделуваат исти демократски вредности е во европското семејство, кадешто припаѓаат географски, културно и историски.

Заедничките аспирации за интегрирање во ЕУ, според Сиљановска-Давкова, се основа за натамошно интензивирање на политичките односи, укажувајќи дека проширувањето е незапирлив процес којшто ќе донесе траен мир, стабилност и просперитет во регионот, Европа и пошироко. Таа го поздрави напредокот на Молдавија во евроинтеграцискиот процес и изрази подготвеност за споделување на македонското искуство.

Амбасадорот се заложи за унапредување на политичката, економската и културната соработка.

Тој изрази уверување дека Меморандумот за соработка во областа на европската интеграција, потпишан во Кишињев минатата година овозможува Молдавија да ја користи македонската експертиза во поглед на европските фондови, јакнењето на институционалните капацитети и усогласувањето со европското законодавство.

Сиљановска-Давкова упати покана до молдавската претседателка Маја Санду за официјална посета на државата.

Scroll to Top