Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес во просториите на општината оствари средба со амбасадорот на Унгарија во Република Македонија, Андраш Клеин. Во рамките на разговорот, таа ја претстави својата визија за развој на општината, а посебно беше нагласена подготвеноста за унапредување на долгогодишната соработка меѓу општината и Унгарија.
Соговорниците посебен акцент ставија на продолжувањето на традицијата на чествување на Шандор Петефи, чија биста е поставена во новиот парк во Драчево. И годинава ќе продолжат активностите поврзани со неговото одбележување, а најавен е и конкурс за учениците од основните училишта, посветен на теми од унгарската историја и државност.
-Преку вакви проекти не само што го унапредуваме урбаниот и културниот живот во Кисела Вода, туку и ги зајакнуваме врските меѓу македонскиот и унгарскиот народ. Нашата соработка со Унгарија е пример за вистинско партнерство и верувам дека и во иднина ќе реализираме уште многу заеднички иницијативи-истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
На средбата присуствуваше и претседателот на Здружението на Унгарците во Македонија-Теледом, Јожеф Шутуш, кој ја потврди долгогодишната соработка и одличните релации со Општина Кисела Вода, како основа за понатамошно зближување и заеднички развој.







