Три лица се здобиле со тешки повреди, а четворица малолетници се повредени во сообраќајна несреќа што се случила вчера на локалниот пат меѓу селата Љуботен и Радишани.
Според информациите од МВР, во несреќата учествувале патничко возило „Мерцедес“, управувано од 35-годишната Ф.М. од Љуботен, и патничко возило „Фолксваген Голф“, управувано од 20-годишниот А.Љ., исто така од Љуботен.
Во возилото „мерцедес“ со тешки телесни повреди се здобиле возачката Ф.М. и сопатничката Б.И., додека со телесни повреди се здобиле четири малолетници на возраст од 12 до 15 години.
Од возилото „Голф“, со тешки телесни повреди се здобил возачот А.Љ., а неговата 50-годишна сопатничка С.Љ. од селото Љубин се здобила со телесни повреди.
Повредите биле констатирани во Ургентниот центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ и во ЈЗУ „Св. Наум Охридски“ во Скопје.
За случајот бил известен јавен обвинител, а увид извршила увидна екипа на СВР Скопје.







