Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев денеска во Министерството за внатрешни работи остварија официјални средби со генералниот секретар на Интерпол, Валдеси Уркиза, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
На средбите беше разговарано за понатамошно унапредување на соработката меѓу Министерството за внатрешни работи и Интерпол, за јакнење на оперативната координација, размената на информации, развојот на професионалните капацитети и заедничкото справување со организираниот и транснационалниот криминал, сајбер-криминалот, тероризмот, трговијата со луѓе, илегалната миграција и финансиските истраги.
Во рамки на разговорите беше потврдена и важноста од континуирано инвестирање во современи полициски капацитети, примена на нови технологии и натамошно продлабочување на партнерството со Интерпол, како еден од клучните предуслови за ефикасен одговор на современите безбедносни закани.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека посетата на генералниот секретар Уркиза претставува силна потврда за довербата што македонската полиција ја ужива во рамки на најголемата меѓународна полициска организација.

„Разговаравме за унапредувањето на нашата соработка во борбата против организираниот и транснационалниот криминал, сајбер-криминалот, трговијата со луѓе, илегалната миграција, тероризмот и финансиските истраги, како и за понатамошното јакнење на размената на информации и оперативната координација. Продолжуваме да инвестираме во модерна, професионална и европска полиција, затоа што само преку силни партнерства, меѓусебна доверба и заедничко делување можеме успешно да се справиме со современите безбедносни предизвици и да обезбедиме поголема сигурност за сите наши граѓани“, истакна министерот Тошковски.
Генералниот секретар на Интерпол, Валдеси Уркиза, ја поздрави активната улога на македонската полиција во меѓународните операции и ја истакна важноста на партнерството со Република Северна Македонија.
„Интерпол високо ја цени активната вклученост на македонската полиција во нашите глобални операции и иницијативи. Современите закани бараат меѓународен одговор, а Северна Македонија е доверлив партнер кој покажува професионалност, посветеност и подготвеност да придонесе во заедничката борба против транснационалниот криминал. Ќе продолжиме заедно да ги јакнеме капацитетите, да ја унапредуваме размената на информации и да инвестираме во новите генерации полициски професионалци“, истакна генералниот секретар Уркиза.
Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев нагласи дека посетата на генералниот секретар на Интерпол претставува признание за професионалноста и кредибилитетот на македонската полиција и потврда за успешната меѓународна соработка што Министерството ја развива во изминатиот период.
„Во рамки на посетата ја претставивме нашата визија за развој на современа, професионална и одговорна полиција, подготвена да одговори на сè покомплексните безбедносни предизвици на денешницата. Особено значајно е што македонската полиција има свои претставници во структурите на Интерпол, а нашето Национално централно биро Интерпол – Скопје секојдневно дава значаен придонес во меѓународната размена на информации и заедничките оперативни активности. Силните партнерства, меѓусебната доверба и заедничката посветеност остануваат најцврстата основа за градење побезбедна иднина за сите наши граѓани“, истакна директорот Јанев.
Во текот на официјалната посета, министерот Тошковски и генералниот секретар Уркиза претходно ја посетија Полициската академија во Идризово, каде што се запознаа со процесот на образование и обука на идните полициски службеници и разговараа за натамошно унапредување на соработката во областа на полициската едукација.
Во рамки на програмата, генералниот секретар на Интерпол оствари средба и со службениците од Националното централно биро Интерпол – Скопје, го посети Одделот за форензички испитувања при Министерството за внатрешни работи, каде што се запозна со форензичките капацитети на Министерството, а во кругот на МВР положи свежо цвеќе пред спомен-обележјето во чест на загинатите полициски службеници, оддавајќи почит на нивната жртва и служба во заштита на безбедноста на граѓаните.







