Бесплатната стручна едукативна тура со стручен водич ќе се одржи денеска во скопската општина Центар. Турата ќе почне напладне, во 12:00 часот, од локацијата „Плочник“ кај Градски ѕид. Темата на прошетката се постземјотресните обележја, а низ значајните локации водич ќе биде историчарката по уметност и кустос Бојана Јанева.
Како што вели градоначалникот Горан Герасимовски, граѓаните ќе имаат можност да се едуцираат за Градскиот ѕид, Главната пошта, Градскиот трговски центар, Македонската академија на науките и уметностите,… Тој ги повикува сите заинтересирани да се приклучат на турата.
-Секој објект во Центар има своја приказна и своја историја. Ова е можност граѓаните да ја запознаат архитектурата и развојот на централното подрачје со стручен водич, кој ќе ги открие деталите за кои често не знаеме, а се дел од нашиот секојдневен простор, истакнува Герасимовски.
За учесниците се обезбедени пијалак и ужина, како и разгледници со репродукции од ремек-дела на БРУТ СКП, кои ќе бидат доделени како симболичен сувенир од оваа прошетка.
Прошетката е дел од Програмата за култура на Општина Центар за 2026 година, преку која се реализира едукативната програма „Центарски прошетки“, со цел да се придонесе кон поголема информираност, подобро запознавање со градското наследство и активно вклучување на граѓаните во културниот живот.







