Вчера во 21:15 часот, полициски службеници од ОВР Неготино го лишија од слобода Ѓ.А.(35) од Кавадарци. Претходно, околу 20:45 часот на улица „Првомајска“ во Неготино, тој со патничко возило „фолксваген голф“ со неготински регистарски ознаки, излетал од патот и удрил во бандера, по што го напуштил местото. По преземени мерки, тој е пронајден и по извршено алкотестирање е констатирано дека бил под дејство на алкохол, односно измерени му се 1,83 промили алкохол во крвта.
Вчера во 17:50 часот на крстосница помеѓу улицата „Македонија“ и улицата „Бошко Петров“ во село Злетово, полициски службеници од ОВР Пробиштип го лишија од слобода Ј.Ј.(28) од село Злетово, пробиштипско. Претходно, тој со патничко возило „фолксваген голф“ со пробиштипски регистарски ознаки учествувал во сообраќајна незгода со материјална штета, а по извршени проверки е констатирано дека го управувал возилото под дејство на алкохол, односно измерени му се 1,84 промили алкохол во крвта.
Исто така вчера, во 15:50 на улицата „Маршал Тито“ во Делчево, полициски службеници од ОВР Делчево го лишија од слобода В.К.(37) од Македонска Каменица. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „ауди“ со регистарски ознаки од Македонска Каменица, кое го управувал, и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 2,52 промили алкохол во крвта, по што веднаш бил исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица.
По целосно документирање на настаните, против нив ќе бидат поднесени пријави по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.







