Фетаи на COSP11 во Доха: Стратегиите против корупцијата бараат лидерство, имплементација и јавна доверба

Заменик претседател на Владата, задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, учествуваше на 11-тата сесија на Конференцијата на државите членки на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата (COSP11), која се одржува во Доха.

Заменик претседателот, Фетаи, се обрати на панел-дискусијата посветена на сеопфатните антикорупциски стратегии во Југоисточна Европа, при што истакна дека антикорупциските политики и стратегии можат да обезбедат одржливи резултати само доколку се поддржани од силно владино лидерство, ефикасна институционална координација и активно учество на граѓанското општество.

Во своето излагање, Фетаи нагласи дека стратешките документи имаат суштинска вредност единствено доколку се преточат во конкретни механизми за имплементација, следење и отчетност, со што фокусот се пренасочува од формални заложби кон мерливи и конкретни резултати.

Осврнувајќи се на искуствата на Република Северна Македонија, тој ја потенцираше важноста на пристапите базирани на податоци, дигитализацијата на процесите и институционалната транспарентност како клучни алатки за намалување на ризиците од корупција и за зајакнување на јавната доверба во институциите.

Scroll to Top